Почетна | Списание | Од нова година- забрането пушење во сите затворени простории

Од нова година- забрането пушење во сите затворени простории

Големина на фонт: Decrease font Enlarge font
image

Законот кој според Туристичко-угостителската комора носи многу нејаснотии предвидува запалена цигара во затворен јавен простор да се санкционира

со 300 евра за индивидуалците и до 5 илјади евра за угостителите.Од први јануари идната година пушачите ќе треба многу да внимаваат каде палат цигари затоа што глобата за непочитувањето на законската промена и за пушење на јавни места ќе изнесува 300 евра.

Туристичко - угостителската комора при Сојузот на стопански комори на оваа тема изработила сеопфатна анализа. Бар Код доби ексклузивно доби право да ви презентира делови и дилеми од таа анализа во која, меѓу другото, се вели дека преку паралела со останатите земји каде што веќе е инплементиран ваков закон јасно се гледа дека законодавецот во тие земји многу сериозно приоѓа во дефинирањето на јавните простории како предмет на забраната за пушење. „Регулативите за забрана на пушењето во европските земји во 90 отсто од случаите се однесуваат на затворени јавни простории, со прецизна формула во правилниците и законите кои ја регулираат промената.“

Понатаму во анализата, се посветува внимание на европските закони во кои прецизно е дефинирано под кои услови и со која квадратура угостителските објекти треба и можат да постават обележани простории за пушачи. „Сите закони во земјите членки на Европската унија многу прецизно го дефинираат опсегот на забраната и просториите наменети за пушење во угостителските објекти со дефинирана минимална и максимална дозволена квадратура на местата во угостителските објекти каде пушењето е дозволено. Во Македонија не е дефинирано како да се однесуваат угостителските објекти и дали воопшто можат да постават и изолираат простории за пушачи.


Во Законот за заштита од пушење на Република Македонија постои само одредницата – „јавни простории“. Законодавецот јасно и прецизно ги набројал јавните простории но, останува нејасно дали забраната не важи за простори кои Законот не ги прецизирал или важи за се што се подразбира под „јавен простор“. Во дефинирањето на јавна просторија, при имплементација на законот би се подразбирало и улици, тротоари, тераси, регионални и магистрални патишта, плоштади и слично.

Ова особено ако се земе во предвид дека Законот дефинира забрана за пушење на јавни собири, приредби, манифестации и натпревари што дополнително создава конфузија за имплементацијата. Суштинската непрецизност во дефинирањето на јавни простории може многу лесно, по веќе вообичаената практика во Република Македонија, да доведе до различна примена на

Законот во различни региони од државата и од различните надлежни инспекциски органи, се вели во анализата. На тој начин, Законот уште пред стартот на имплементацијата создава сериозни сомнежи за нерамноправна положба и третман од страна на инспекциите на оние на кои им е наменет со можност за негово различно толкување.

Во регулативата на Република Македонија, наместо прецизни одредби како во европските земји, за ова прашање постои целосна конфузија која паралелно ја наметнуваат измените и дополнувањата во Законот за заштита од пушење од 2008 годона, Законот за угостителска дејност и членот 24 од Правилникот за минимално технички услови за вршење на угостителска дејност.“

Појаснување на конфузноста во регулативата, во законските акти и правилникот, која се однесува на угостителските објекти и го регулира опсегот на забраната за пушење содржано во анализата ви го претставуваме во целина.

• Законот за заштита од пушење воопшто не ја регулира опфатноста на забраната за угостителските објекти, освен што наведува дека за нив забраната важи;
• Наспроти Законот за заштита од пушење, Законот за угостителска дејност предвидува постоење на простор за пушачи во угостителските објекти (одредбата е непрецизна каков и колкав простор е дозволен);
• Правилникот за мининимално – технички услови за вршење угостителска дејност од 2006 година предвидува 30 отсто и 40 отсто во угостителските објекти од различен вид да биде за пушачи;
• не е предвидено 30% или 40% од кој простор во угостителските објекти (во и надвор), дали од вкупниот или само делот за гости;
• Според Правилникот, оние угостителски објекти кои не можат да ги исполнат условите за поделба на дел за пушачи и непушачи, согласно процентуалната
застапеност на просторот, треба да стават знак за целосна забрана за пушење на целиот објект.

Анализата истакнува неколку моменти од практична гледна точка.
„Со оваа одредба од Правилникот на прв поглед се ставаат во нерамноправна положба помалите угостителски објекти кои мора целосно да го забранат пушењето ако истиот се применува доследно.

Останува нејасно и како дилема на Туристичко – угостителската комора, како надлежните инспекциски органи на територијата на земјата ќе ја применуваат регулативата, кој од прописите важи и како ќе се имплементира.“
Законодавецот остава простор за можен „хаос“ во имплементацијата и надзорот над спроведувањето на Законот, а со тоа пред се на различна примена на законот за угостителските објекти на територијата на републиката – стои во анализата.

МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ЗЕМЈИТЕ СО НАЈВИСОКИ КАЗНИ ВО ЕВРОПА
Направена е и споредба на предвидените санкции за непочитувањето на забраната на законот. Се истакнува моментот дека казните се ригорозни и речиси секаде  различни, како и дека Македонија спаѓа во земјите со највисоки казни за правните лица.
„Во Франција на пример, доколку сопствениците на угостителски објект ги занемаруваат забраните ќе платат глоба од 750 евра, додека индивидуалната лица што ќе запалат цигара на забрането место ќе го платат тоа задоволство 450 евра.

Слична висина на казните за угостителските објектите има и во Луксембург и Грција, нешто повисока, со по 1.000 евра глоба. За индивидуалните непочитувачи во Луксембург казните изнесуваат 250, а во Грција двојно повеќе, односно 500 евра. Нешто поригорозни казни имаат Италија и Естонија каде правните лица кои не ги почитуваат забраните за пушење мораат да издвојат по 2.000 евра за прекршоците. На сметка на тоа, во овие земји казните за индивидуалните непочитувачи се нешто пониски односно на Апенинскиот полуостров глобата изнесува 275 евра, а во Естонија ниски 80 евра за прекршок од ваков вид.

Велика Британија и Турција пак, имаат релативно високи казни. Над 2.500 евра за пушење на забранети места ќе платат угостителските објект во овие земји, додека по индивидуа на островото се санкционира со казна од 200 евра, а во Турција со најниската глоба во регионот од само 32 евра. 
За да биде апсурдот поголем, и покрај тоа што во Македонија нема точно прецизиран закон во некои делови, казните се меѓу највисоките. Дури 4.500 евра е казната што треба да ја платат угостителските објекти за прекршување на Законот за заштита од пушењето, додека индивидуалците ќе се санкционираат со околу 300 евра – потенцираат од Туристичко – угостителската комора во анализата за Законот за заштита од пушење. Дополнителен момент е тоа што во Македонија е предвидено казна да плати и менаџерот на објектот и тоа во висина од 1.000 евра. “

НИЕ ГИ ОЧЕКУВАМЕ, ЕВРОПА ГИ ЛИБЕРАЛИЗИРА РИГОРОЗНИТЕ ЗАБРАНИ
И додека кај нас допрва ќе почне да се применува закон за ригорозни забрани за пушење, во повеќе земји членки на Европската Унија во 2008 година внатрешно се отворија расправи за либерализација на законите и правилниците кои ја уредуваат оваа проблематика. Главни фактори кои ја предизвикуваат расправата се големиот пад на работата во угостителските објекти и загубите кои овој сектор ги трпи како резултат на ригорозните забрани.

Трендот на либерализација почнува со почетокот на светската финасиска криза која дополнително влијае на овој сектор. Владеачките партии односно владите во земјите на ЕУ се под силен притисок и критики од туристичко-угостителскиот сектор и од финансиските показатели за загубите што овој сектор ги трпи. Ригорозните забрани за пушење на јавни места во некои земји членки на ЕУ се дополнителен удар во услови на рецесија поради што законодавците во овие земји отвараат врата за либерализација на одредбите за забрана за пушење за туристичко-угостителските објекти.

Во ваква ситуација во земји каде забраната била целосна, со измени и дополнувања на законите и правилниците, истата се либерализира. Законодавците на германската покраина Баварија на пример, во јули годинава усојуваат измени за ублажување за забраната за пушење. Со тоа, од 1 август во оваа германска покраина е дозволено пушење во помалите барови со обврска да се јасно означени како „БАРОВИ ЗА ПУШАЧИ“.

Ова е оставено да го одлучат и искористат како можност само помалите барови. Поголемите барови во Баварија добиваат можност да одвојат посебни простории за пушачи. Друг пример само ги потврдува тенденциите на либерализација. Чешкиот Сенат на 24 јули 2009 година ги усвојува измените на законот според кои сопствениците на рестораните можат да одлучат дали во нивните локали е дозволено или забрането пушењето.
Измените во законот се резултат на долго бараниот компромис меѓу анти-пушачките активисти и оние кои сметаат дека со забраната се дискриминираат пушачите. Со оваа одлука и Чешка влегува во земјите кои под притисокот на организациите и здруженијата против целосната забрана за пушење и во интерс на секторот угостители, ја либерализира забраната.

Во Хрватска по неполни пет месеци од стапувањето на сила на законот со кој целосно се забрани пушењето, затворени се повеќе од 100 угостителски објекти. Со тоа, прометот е намален за 80 отсто, а околу 3000 лица останале без работа. Поради силниот притисок од економските показатели и туристичко угостителскиот сектор, во септември годинава тамошните власти го либерализираат законот во делот на условите за пушење во угостителските објекти.

ЗАБРАНИТЕ НОСАТ ФИНАНСИСКИ И ПАД НА ТУРИЗМОТ
Голем број на статистики направени по воведувањето за законот, покажале дека речиси сите земји каде што е воведен доживеале финансиски пад и нагло опаѓање на туризмот. Затворени биле голем број на угостителски објекти, се бележи драстичен пад на посетеноста на угостителските објекти, пад на приходите во секторот угостителство, намалување на бројот на вработените во овие објекти, намалување на потрошувачката на пијалаци и храна и слично.

Како илустрација, во Германија приходите се намалени за 14,1 отсто, а падот на обртот изнесува дури 50 отсто. Во Велика Британија, бројот на затворени пабови заклучно со септември месец 2009 година е над 5000, а бројот на отпуштен персонал само за септември 2007 година е 64.100 или 23 отсто. Во Шкотска пак, продажбата на угостителските објекти паднала за 10 отсто, посетеноста се намалила за 14 проценти, а приходите во клубовите опаднале од 17 до 27 проценти.

Според анализата на Туристичко - угостителската комора, со имплементацијата на забраната на пушењето кај нас се очекува, според искуствата во другите европски земји, пад на приходите од околу 20 проценти, а продажбата на алкохолот да опадне од 7 до 15 отсто. Или претворено во бројки, се очекува загуба од околу 1 билион денари од намалените приходи од продажбата на алкохол и намалување на бројот на вработени од 3 до 10 проценти – се вели во анализата.

Според Огњан Циговски, претседател на Турискичко-угостителската комора во состав на Сојузот на стопански комори, Законот за пушење треба да се промени.
- На неколку состаноци донесовме заклучок и иницијатива за промена на Законот за забрана за пушење на која се потпишаа околу 500 подржувачи само од Скопје.
Тој истакнува неколку моменти како проблематични и предлага нивно решавање.

-Нашите аргументи кои се јасно прецизирани во анализата велат додека земјите во Европа го менуваат или го смениле соодветниот закон за пушење, ние можеме да ги направиме тие промени пред нашиот закон да стапи во сила. Со тоа, угостителите во поголемите објекти, особено во дискотеките и салите за свадби, нема да мораат самите да се борат со можните проблеми од забраните – вели Циговски и истакнува дека ако не се направат измени угостителите ќе имаат најголем проблем да се справат со своите гости.

Наместо да бараме начини и да размислуваме на подобрување на услугите кои ги нудиме, ќе треба да се расправаме со гостите околу забраните за пушење. Се поставува и прашањето зошто угостителите да плаќаат казни од 4 до 5 илјади евра кога уредно поставиле знаци за забрането пушење и ги тргнале пеплниците од масите? Ако гостите решат на своја рака да запалат цигара, тогаш можеби наместо казни до 200 евра тие треба да ги плаќаат сумите предвидени за угостителите. Тоа секако би била поефикасна мерка – вели Претседателот на Туристичко – угостителската комора.

На крај, логично се поставува прашањето дали примерот на европските земји со закони за забрана за пушење кои најверојатно биле експресно имплементирани не треба да биде поука за правилно воведување на вакви забрани кај нас. За внимателна и стучна анализа на проблемите и соломонски решенија во оправданата борба против штетниот никотински порок – пушењето.

РАМКА 1:
Н: Белгијанците пушат во баровите, кафулињата и рестораните
Баровите и кафулињата се исклучени од забраната за пушење во Белгија. Овие објекти мора да имаат само адекватна вентилација како и обележана зона за непушачи и за нив не важи целосна забрана за пушење.

Согласно регулативата имплементира од во 2006 година, во Белгија пушењето е забрането во сите работни простории за кои се надлежни работодавците, но е дозволено во одвоени вентилирани простории до кои вработените имаат пристап. Сепак, работодавците не се обврзани да обезбедат вакви простории.
Од 2007 година пак, во белгиските ресторани е дозволено да се пуши само во одделни простории кои се целосно одвоени од остатокот на објектот и во кои не се служи храна.

РАМКА 2:
Н: Грците ги игнорираат забраните поради дупки во законот
И покрај прецизно дефинираниот закон за забрана за пушење на сите затворени јавни места и три обиди за практична примена, Грците успешно не ги почитуваат одредбите имплементирани и надополнети во 2002, 2003 и 2009 година.

Регулативата која предвидува рестораните помали од 70  метри квадратни да имаат опција да изберат да бидат само за пушачи или за непушачи, а рестораните поголеми од оваа квадратура да можат да дефинираат зона за пушачи, никогаш не доби на значење во земјата членка на ЕУ.  Забраната практично е игнорирана меѓу другото и поради тоа што законот има дупка што им овозмозува на сопствениците на бизнисите да го заобиколат.

Па така, пушењето практично се дозволува секаде освен во метрото во Атина. Од 1 јули годинава на сила е повторно забраната за пушење со либерализирани и помеки одредби во делот на малите ресторани и кафулиња што всушност е трет обид на грчките власти да ја имплементираат забраната за пушење.

РАМКА 3:
Н: Италијаните најснаодливи во непочитувањето на забраните за пушење
Италијаните уште во 2005 година се запознаваат со регулативи за заштита од пушење, но и претставуваат најдобар пример за селективно почитување на истите. Регулативата која прецизира забрана за пушење на затворени јавни места и објекти и предвидува можност за специјални простории за пушачи речиси целосно се игнорира на југот на Италија. Делумно се почитува на северозападот, а се почитува само на североистокот од земјата.

Евидентиранисе примери кога одделни јавни објекти откако ќе ги затворат објектите, ги реактивираат при што се повикуваат на одредбите на законот дека објектот веќе не е јавен по што за нив не важи забраната за пушење.

Италијанските угостители и по четири години од важењето на забраната, сметаат дека е прескапо да инвестираат во изолирани простории за пушење во своите објекти. Забраната не е прифатена, а пушачите и угостителите тврдат дека цигарите и пушењето се интегрален дел од италјанската култура мислејќи тука на кафулињата и баровите.

Еден вид на кредибилитет на непочитувањето на законот му дава и судска одлука во корист на сопствениците на угостителските објекти кои се прогласени за невини и неодговорни што не успеале да го имплементираат законот во кој е регулирана забраната за пушење. По ова голем број барови решаваат да ја игнорираат регулативата.

РАМКА 4:
Н: Забраната за пушење на јавни места крахираше во Хрватска
Хрватска е еден од најсвежите примери каде имплементацијата за забраната за пушење по само пет месеци од стартот во текот на 2009 година, доживеа крах. Целата угостителска фела на чело со Комората на хрватските угостители застана против целосната забрана за пушење. И покрај најавите за важење на одредбите во законот до стапување на сила на измените кои ја либерализираат забраната во оваа земја, пепелниците се вратени на масите во угостителските објекти.


Имплементацијата, поради конфузноста, оди многу тешко, заклучуваат во своите извештаи хрватските медиуми. Па така, на 24 септември под притисок на угостителскиот сектор во хрватскиот законодавен дом - Сабор се усвоени измените на законот со што истиот требаше да стапи на сила на почетокот на октомври. Но, властите во Хрватска поради сериозните инвестиции кои угостителите треба да ги направат во зоните за пушачи во објектите оставаат период од шест месеци за прилагодување до целосна примена на законот.

По ова, имплементацијата на законот и натаму останува неизвесна, особено поради новото незадоволство на угостителскиот сектор кое објавува дека на еден ресторан ќе му требаат 400 илјади куни да обезбеди вентилација каква се бара согласно регулативите.

На почетокот на септември месец, претседателот на Здружението на ресторани во Хрватска, Мирослав Фоленговиќ, уште пред усвојувањето на новите измени во законот најави дека Здружението ќе поднесе тужба во тамошниот Уставен суд против најавените измени. Ова долнително ја става под знак прашање имплементацијата за Законот бидејќи истата се однесува на измените и дополнувањата со кои законодавецот ја либерализираше забраната во однос на угостителските објекти.

Додади во: Add to Facebook Facebook | Add to Twitter Twitter Digg this story Digg | Post to Myspace Myspace | Add to Yahoo MyWeb Yahoo MyWeb |

Коментари (0 Пратено):

Прати го коментарот comment

Внесето го кодот од сликата: