Почетна | Списание | Фенг шуи во угостителството
Poll: Бармени
Дали скопските бармени припремаат добри коктели?

Фенг шуи во угостителството

Големина на фонт: Decrease font Enlarge font
image

Пред неколку години за прв пат слушнав за Фенг шуи. На прва топка ми звучеше како уште едно трендсетерско духовно движење се додека не прочепкав детално

и открив дека во суштина Фенг шуи е древна кинеска вештина која во себе обединува учења и техники со кои му овозможува на човекот да го задржи допирот со природата или да и се врати на неа.

Следејќи ја динамиката и начинот на денешното живеење сето ова ми имаше сериозен смисол.  Имајќи го на ум развојот кој датира од пред 4000 год. п.н.е. и неговите трансформации особено при преминот од Исток на Запад, фенг шуи денеска станува применлив во просторно уредување, водење на просперитетен и здрав живот, исцелителни моќи (алтернативна медицина) па дури и бизнис цели. Ние сакавме да ја разгледаме применливоста на Фенг шуи во угостителскиот бизнис и еве ги нашите сознанија од муабетот со Елизабета Трифуновска – фенг шуи мајстор.

Бар Код. Многумина практикувачи на фенг шуи тврдат дека во пракса оваа вештина  претставува аранжирање на предметите (како мебелот) со цел да им помогне на луѓето да ги постигнат своите цели. Но, традиционално, низ историјата фенг шуи се користела првенствено за да се одбере местото на живеење, за работа и за гробни места. Како накусо би изгледала вашата демистификација на фенг шуи?

Елизабета Фенг шуи е древна кинеска вештина за правилно уредување на надворешниот и внатрешниот простор. На старите фенг шуи мајстори уште пред повеќе илјади години им било познато она што дури сега современата наука го открива, а тоа е дека местото во кое живееме или работиме влијае на нашето здравје, концентрација, а со тоа и на генералниот успех во животот. 

Во контекст на фенг шуи каде што се е Чи енергија или животна енергија, првиот впечаток во одреден простор,  има  голема врска со енергетскиот статус на некој простор. Значи, првиот впечаток кога ќе влеземе во некој угостителски објект ни зборува за квалитетот на енергијата во тој простор. За разлика од нас кои прв пат влегуваме во одреден простор, вработените обично толку навикнуваат на него што и не го забележуваат квалитетот на енергијата во својот ресторан или кафуле.

Оној кој се занимава со оваа професија прво што забележува е поставеноста на одреден објект( доколку станува збор за веќе постоечки објект), неговата околина и секако неговата влезната врата која во фенг шуи се третира како уста низ која влегува енергијата.Доколку некој нема локал и сака да одбере поволно место за него тогаш се бара локација која ги исполнува стандардите на фенг шуи, иако морам да нагласам дека не е секогаш возможно да се исполнат сите принципи за уредување според оваа вештина бидејќи просторот секако треба да се усогласи со личните аспекти на оној на кого му припаѓа тој локал.

Бар Код. Каква е применливоста на фенг шуи во угостителскиот бизнис? Како да ги дијагностицираме проблемите на условите во угостителскиот простор?
Елизабета. Фенг шуи е применлив за сите простори независно дали во него живееме или работиме и сметам дека тоа е убавината на оваа вештина која нуди решенија доколку просторот не е правилно уреден.

За секој простор прво се прави таканаречена геомантска карта која ни покажува каков тип на енергија поседува одреден простор и дури потоа следува усогласување и хармонизирање за гостите да се чувствуваат пријатно во него. Ретко, но има случаи кои за жал немаат позитивна геомантска карта, па одреден простор е неповолен за сите кои во него престојуваат, секако сте забележале дека некои локали ќе сменат повеќе газди и на никој не му тргнува бизнисот.

Постојат решенија и за вакви случаи за кои се потребни интервенции за да се анулира неповолната геомантска карта и потоа да се започне со балансирање и хармонизирање на енергијата.

Бар Код. Како ја определуваме ѕвездата на угостителскиот објект? Дали од неа зависи енергијата на просторот?
Елизабета. Секој објект е насочен во одреден правец  според кој се одредува на која компасна дирекција на правци тој и припаѓа- источна или западна. Источни правци се -југ, исток, југоисток и север, додека западни правци се- запад, северозапад, југозапад и североисток. Секој човек или објект припаѓа на една од овие групи на правци.  Ориентацијата на објектот се усогласува со личната ѕвезда односно со елементот и правците на управителот на објектот.

Бар Код. Дали и како е можно да се интервенира во тој простор за да се избалансира јин и јанг, како и петте елементи, вода, дрво, земја, оган и метал?  
Елизабета. Во некој простор преовладува јанг енергија додека во друг јин, но сепак се внимава каква е наменета на тој простор. Ако станува збор за угостителски објект каде се организираат семинари или деловни ручеци не е мудро да ја јакнеме јанг енергијата бидејќи гостите нема да имаат доволно трпение да го сослушаат својот соговорник. Ако пак, станува збор за локал каде се собираат млади луѓе не пречи ако има вишок на јанг енергија. Додека, кога станува збор за примената на елементите, тогаш мора да се внимава тие да се доволно застапени заради баланс во просторот. Секако не би се чувствувале добро доколку во некој простор има само еден елемент, на пр. да е уреден само со една боја да речеме плава, и тука да е се во истата боја. Ужас!

Бар Код. Ако при купување на угостителскиот простор не е сметано на поминувањето на Чи енергијата и градбата не е поставена во нејзин контекст , со што таа може да се хармонизира во просторот ?
Елизабета. Фенг шуи секогаш нуди решенија за неправилностите на кои наидуваме при уредувањето, тоа се корегира со бои, преместување на мебелот, додавање на т.н. фенг шуи лекови кои ја вртат, пренасочуваат или балансираат енергијата.

Бар Код. Каква е функцијата на вратите во угостителскиот простор и дали нивната поставеност влијае во фенг шуи дизајнирањето?
Елизабета. Дали добро ќе се дистрибуира енергијата во просторот многу зависи од распоредот на вратите. Навистина  има многу правила за вратите, од нивната големина, изработка, распоред, зависно дали станува збор за врата внатре во просторот или влезна врата, која пак, посебно се третира во фенг шуи и сметам дека е многу значајна за остварување на добар бизнис. На пр. врата од тоалет ако е близу до влезната врата не е поволно, но како најнеповолна ситуација се смета доколку вратата од тоалетот се наоѓа спроти влезната врата.

Бар Код. Многумина ентериеристи инсистираат на пренатрупаност во просторот со мебел поради добивање на топлина во него?
Елизабета. Според фенг шуи не се препорачува многу мебел во просторот бидејќи ја блокира и гуши енергијата. Можеби, поважно е правилно да се распореди мебелот бидејќи некогаш со мала интервенција и правилно прераспоредување на мебелот се менува комплетниот впечаток за тој простор.

Бар Код. Дали формите на мебелот, осветлувањето, боите и деталите можат да бидат дефинирани или некако унифицирани за да можат архитектите секогаш да ги имаат на ум советите на фенг шуи стручњаците? Дали кај нас има обичај за консултација на архитекти и фенг шуи стручњаци?
Елизабета. Кога станува збор за фенг шуи уредување не може да се унифицираат работите бидејќи секој простор треба да се усогласи со оној кој го води бизнисот, а невозможно е да имате двајца со идентични карти. Има генерални насоки кои важат за сите, но просторот треба да се уреди според желбата на клиентот за тој простор да го одликува него, а не мене или некој друг консултант.

Секој простор треба да си добие душа, а советите за уредувањето од страна на архитектот и фенг шуи консултантот да се спојат за се  добро да функционира. Сакам да потенцирам, дека многу е значајно архитектите да се запознаени со фенг шуи заради тоа што тие се носители на проектот и би можеле да спречат одредени неправилности уште додека се проектира објектот. Инаку, во последно време се почесто соработувам со архитекти секако по желба на клиентите кои сакат да го применат и фенг шуи во своето уредување.

Бар Код. Угостителските објекти во својата основна имаат социјална улога. Имајќи го тоа на ум, како може просторот да се исчисти од негативните спомени кои ги акумулираат луѓето кои престојуваат во него?   
Елизабета. Негативни влијанија може да има од луѓето кои престојувале во тој простор, но може да има  и од подземни води и други видови на зрачења кои се детектираат со висок или специјални апарати. Кога станува збор за подземни влијанија тие се спречуваат со пирамиди и др. лекови. Секако, постојат техники на чистење на просторот за да се исчисти од негативни влијанија, што е нормално за места каде секојдневно се собираат луѓе со различни енергии.

Во фенг шуи се користи т.н. space clearing- техника за обновување на енергијата во просторот. Негативните влијанија кои се акумулираат битно влијаат во просторот, да не зборуваме за одредени инциденти кои оставаат трага, па поради тоа во одредени локали не ни е пријатно и не можеме долго да седиме. И секако, и без фенг шуи, ние ги препознаваме  и веројатно ги посетуваме местата каде се чувствуваме добро и би седеле со часови.
Бокс.
Терминолошки значења
Чи – добра/животна енергија врз основа на која се поставуваат објектите во просторот и се овозможува нејзин беспрекорен проток.
Јин – поларитет на темна страна бавно, меко, нематеријално, раширено, студено, влажно, и мирно. Генерално се поврзува со женско, раѓање и создавање, како и со ноќта.
Јанг – поларитет на светла страна е брзо, тврдо, цврсто, суво, насочено, врело и агресивно. Се поврзува со машкиот принцип и со денот.
Петте елементи.  Оган, дрво, земја, метал, вода – нивната корелација содржи во себе два циклуса на создавање и уништување чие балансирање со јин и јанг овозможува премин на енергијата од добро во зло.

Додади во: Add to Facebook Facebook | Furl this! Furl | Digg this story Digg | Post to Myspace Myspace | Add to Yahoo MyWeb Yahoo MyWeb |

Коментари (0 Пратено):

Прати го коментарот comment

Внесето го кодот од сликата: