Социологијата на новиот закон
Ако ги оставиме на страна сериозните анализи околу новиот закон за заштита од пушењето, ќе согледаме дека оваа промена носи и промени во однос на протоколите
на однесување на оние кои излегуваат во угостителските објекти, особено на пушачите. Подолу ќе се позанимавам со промената на социјалните и организациски навики на никотинските адикти кои се случуваат по први јануари при нивните посети на угостителските објекти.
Бидејќи нас законот не затекна во зима, првата промена, особено кај женската популација е промената на типот на гардеробата за излегување. Лично сум најголем поддржувач на стајлинг за излегување кој подразбира голи раце и сандали по секоја цена, дури и на снег, врз хулахопки. Сметам, дека тоа придонесува за убавото расположение, му дава шарм на излегувањето и го раздвојува од денското пиење кафе. Практичното применување на новиот закон покажува дека ова веќе не е возможно.
Ако половина од времето се поминува пред врата, на сцена неминовно стапуваат чизмите и блузичките со долги ракави. Ужас! Кога ќе се вратат во барот или ресторанот и ќе го извадат капутчето, девојките изгледаат како студентките на електро факултет пред многу години, кога меѓу предавањата одеа на кафе во пицерија Бела на улица Орце Николов. Голем минус на овој закон!
Друг организациски проблем при примената на новиот закон е распоредот на смените за пушење пред врата. Ако се сите пушачи на масата и ако станат сите во исто време за да излезат надвор да пушат, масата останува празна. Во овој случај, ако ги остават личните предмети на маса, за да ја зачуваат масата, пушачите ќе бидат во постојан страв дека некој ќе им ги украде.
Ако си ги земат со себе, некој може да им седне на масата, мислејќи дека е слободна. Ако се поделат во две групи, што патем речено е многу глупаво ако се на пример тројца, ќе им се расипе муабетот! Хаос...Уште еден голем минус за законот- социјалниот момент кој е главен адут на сите вечерни излегувања се доведува во прашање.
Третиот и најголем проблем од кој веројатно на сите им се дига косата на глава е мирисот на угостителските објекти од први па наваму. Нешто за што моите пријатели од Европа кои оваа голгота ја поминаа неколку години порано, сериозно предупредуваа и се обидуваа најсликовито што може да ми го предочат, сега го чувствуваме и тука. Не знам како политички коректно да ја формулирам оваа состојба, но изгледа наједноставно ќе биде ако кажам- баровите и клубовите смрдат на луѓе.
Регистрирав неколку мои познати кои се доведоа до состојба на блага мачнина по половина час поминати во некои од скопските места. За жал, чадот кој ги покриваше човечките мириси од разни извори, сега веќе го нема и местата за излегување ќе треба сериозно да си ги преформулираат своите вентилациони и озонерско- освежувачки капацитети.
Да не треба да ги гледаме и позитивните страни на овој шок што ни се случи? Ајде!Излегувајќи пред врата пушачите почнуваат да се солидаризираат меѓу себе. Интуитивно, помеѓу нив се појавува поврзаност затоа што имаат нешто заедничко. Почнуваат да комуницираат меѓу себе иако не се познаваат од претходно. Алелуја...
Македонците почнаа да си приоѓаат и да се мешаат (мингле) на вечерните излегувања, што никогаш досега не го правеле, и по што, за жал, бевме различни од остатокот од сиот нормален цивилизиран свет. Идеалната ваква идилична ситуација, ако се развие, опфаќа размена на телефони, покажување слики од мобилниот и неизбежен „фриенд рељуест” другиот ден. Веројатно пропорцијата на „сингле” и „ин а релатионсхип” на македнските корисници радикално ќе се промени во наредниот период ако продолжи овој тренд.
Се обидувам да најдам и втор и трет плус за законов за да има некаков баланс со првиот дел од текстот, но некако тешко ми оди. Затоа ќе продолжам со импровизација наместо со аргументирани факти.Вториот плус кој можеме да му го припишеме на законов е веројатно фактот што ако луѓето се спремни и надвор да седат во сред зима поради цигарите, на некои од угостителските објекти ќе им се зголеми профитот ако се веќе полни и во внатрешноста на објектот. Ќе имаат гости и внатре и надвор, што до сега не се случувало во ниту една сезона- или се сите на тераса или се сите внатре.
Третата придобивка е за оние кои не пушат. Имам искусено периоди и на загрижувачка адикција од никотинот, но и на фанатична одбивност кон тој порок, и можам да потврдам дека навистина не е сеедно за непушачите дали ќе бидат опкружени со чад или не.Ете сме- три со три! И за крај мала забелешка- сосема сум свесна дека пушењето е забрането и на терасите за кои погоре пишував. Јас само се обидов да ја интерпретирам реалната слика која ја регистрирав во изминатите денови.
- НЕГОВОТО ВЕЛИЧЕСТВО- МЕНИ
- Bar CODE br.7
- Flair Stars
- Гастрономскиот исток и неговото влијание на современите кујни
- КУЛТНИ КОКТЕЛ МЕСТА


Facebook
Furl
Digg
Myspace
Yahoo MyWeb
Коментари (0 Пратено):
Прати го коментарот