Почетна | Списание | Осигурувањето - ,,превентива,, од несреќен случај
Poll: Бармени
Дали скопските бармени припремаат добри коктели?

Осигурувањето - ,,превентива,, од несреќен случај

Големина на фонт: Decrease font Enlarge font
image

Во историјата на угостителскиот бизнис во земјава паметиме несреќни случаи кои го цедат

контото на сопствениците во процесот на реновирање и ставање на повторна употреба на  објектот.Можеби овие настани не можат да се предвидат но, може да се дочекаат подготвено. Навремено осигурување е  начинот за побезболно минување на периодот на криза.Во овие турбулентни времиња несомнено два поими се најзначајни за нашиот живот, сигурноста - Safety и заштитата - Security. Нивното заедништво овозможува заштита на луѓето и имотот од несреќен случај или елементарна непогода односно од злонамерно однесување или делување на трети луѓе.  Ова чувство неопходно е да биде задоволено и во угостителските објекти, сврталишта каде секојдневно го минуваме нашето време.

За да ја постигнеме заштитата од злонамерни делувања најчесто користиме алармни уреди како најдостапни и најупотребувани алатки. Денес во тренд се и видео надзорите кои овозможуваат аргументација на сторениот чин . Постапката за заштита  чекори оди по овој редослед, алармот прво го детектира ,,настанот,,, а видео надзорот верифицира и дава детална информација или служи како доказен матерјал во полиција. Но, превентивното делување за сигурност и заштита при веќе сторениот несреќен чин е едноставно дефиниран - осигурување на угостителскиот објектот.  

Во меморијата на Скопското угостителство со црвено се подвлечени опожарувањата на неколкуте ресторани. Пред повеќе од една година се памети пламнувањето во кујната на ресторанот ,,Амика,, во градскиот трговски центар предизивикано од плинските боци, а неодамна на кејот на Вардар во таверната ,,Торос,, се случи сличен чин но во овој случај предизвикан од скарата.

Исчезнувањето на дел од видео опремата во кафулето ,,Филипи,, во Дебар Маало е последица на нечии лепливи раце кои го украле телевизорот и дополнителната техниката и ги олесниле сопствениците за 1000 евра. Ова се примери од нашето секојдневие кои не потсетуваат на можните ризици иако навидум изгледаат недостижни или си велиме ,,нам тоа неможе да ни се случи,,.

При процесот на работа непредвидливите ситуации можат да бидат и фатални не само за инвентарот во угостителскиот објект, туку и по животот на вработените и гостите. Сепак дури и најмалата опасност за безбедноста на гостите може да донесе голем проблем. Од пожари преку кражби единственото правило  кое останува е мото во динамичната денешница  ,,подобро е да се спречи отколку да се лечи,,.

Ако во законот за угостителска дејност во нашата земја се прецизирани условите и начинот за вршење на угостителската дејност , а неопходно е и исполнување на ХАСАП стандардите никој до сега не го спомена задолжителното осигурување на објектот, имотот (стоката и техниката), гостите од процесот на работа на угостителскиот објект, осигурување на вработените и гостите од несреќен случај кое опфаќа смрт, повреди, траен инвалидитет, трошоци за лекување, одговорност за предметите кои ги поседувале гостите.

Во Хрватска веќе подолго време се размислува и делува на тоа поле. Сигурноста како највисока категорија е забележана и во хрватскиот закон за угостителска дејност од 2006 година.  Посебен акцент е ставен на гостите каде се вели дека тие треба да бида осигурани од последици на несреќен случај. Казната за непридржување кон членовите за осигурување од угостителскиот закон предвидуваат казна од 700 до 2000 евра за физички лица, а за правни дури до 14000 евра.

Домашните искуства велат дека осигурувањето во угостителскиот бизнис сеуште е табу тема. Не е пропишана ниту опфатена со ниту еден член од законот за угостителство  па затоа срамежливи се обидите да се зборува но и делува на таа тема. Досега македонските осигурителни компании имаат искуства со лично осигурување на сопствениците на угостителските објекти но, не и комплетно како што тоа се прави во Хрватска.

,,Нудиме осигурување на угостителските објекти, на нивната опрема, количината на стока која се наоѓа во нивниот бар, вработените и нивните гости. Иако не постои законска обврска за осигурување сепак свесноста од можниот опасности и несакани последици е поголема кај хотелиерите отколку кај сопствениците на ресторани или кафулиња. Во нашето искуство имаме само неколку ресторани и кафулиња кои побарале осигурителна услуга и тие се вбројуваат меѓу пионерите на пазарот  додека сите хотели во земјава веќе од поодамна се корисници на осигурителните полиси . Осигурувањето воопшто не е скапо, а обезбедува сигурност од несреќен случај.  Сеуште не нудиме специјализирани пакети за угостителството бидејќи тоа го опфаќаме со останатите производи кои ги нудиме но, не е исклучено во иднина и тоа да го направиме со цел развој на одговорноста и етичките норми,,  - вели  Игор Доневски директор за развој и превземање ризици на АД Вардар осигурување.

Поголем дел од хотелиерите соработуваат со странски гости и профитот го остваруваат задоволувајќи ги нивните потреби и барања. Токму затоа се принудени да ја гарантираат и нивната безбедност еднакво како во матичните земји од ЕУ или остатокот од светот каде за оваа осигурителна култура не се ни зборува туку таа се подразбира.
Додека пак сопственицие на кафулињата и рестораните поголем дел од  своето конто го полнат од  локалното население кое за жал е неинформирано за правилата на игра во светот, правила кои треба и кај нас да се исполнат.

Најчесто угостителите превземаат осигурителна постапка откога во своето работење ќе искусат непријатен настан. Сопствениците на кафулето Филипи сериозно разговараат со неколку компании, ги водат преговорите за нивната осигурителна полиса, а премијата ќе реши кому ќе му ја доверат нивната сигурност. ,,Причинетата штета кај нас е далеку поголема од износот кој што ние годишно треба да го плаќаме кон некоја осигурителна компанија. Но, ова го осознавме откога ни се случи кражбата.,, - велат од Филипи.

За разлика од нив ресторанот Амика покрај причинетата штета која ја имаше од настанатиот пожар полесно го помина периодот на ,,ревитализација,,. Тие претходно го имаа осигурено угостителскиот објект па инвестициите кои ги направија во кујната каде се случи опожарувањето потоа беа вратени. Овој пример се вбројува меѓу ретките во државата, со висока свесност за својата безбедност но и безбедноста на гостите и вработените. ,,Во секојдневни, нормални услови можеби  имате впечаток дека осигурувањето ќе ви го оптеретува буџетот но, во ситуации како нашата се покажа како повеќе од корисно,, – велат од Амика.

Што е поголем ризикот на работа, толку е поголема и добивката односно вложувањата во сигурноста. Следејќи ја таа градација во осигурувањето, хотелиерите се безбедни, ХАСАП-от ја гарантира безбедноста на храната во одделенијата каде се произведува и услужува храната но, за сигурноста од несреќните и непредвидливите случаи неможе да се подготвите затоа помогнете си себе си и осигурајте се.

Додади во: Add to Facebook Facebook | Furl this! Furl | Digg this story Digg | Post to Myspace Myspace | Add to Yahoo MyWeb Yahoo MyWeb |

Коментари (0 Пратено):

Прати го коментарот comment

Внесето го кодот од сликата: