Barcode: Barcode Br.42 Barcode Br.42 ================================================================================ shaqir sulejmani on 12 April, 2014 02:10:00 Неколку текстови од изминатите броеви, оние за концепт баровите и најчудните светски хотели и еден текст од овој број, освртот на два бугарски ресторани ме потстети на она што по секое враќање ме мачело и сум се обидувала да им го објаснам на угостителите од ова поднебје. Кога би се обидела најкратко да го објаснам тоа би звучело вака - зошто кај нас сите кафе барови и ресторани се речиси исти еден со друг? Зошто немаме локали со индивидуални приказни? Луцидни и изненадувачки ентериери, откачен персонал и програма која е барем малку различна од сите други? Приказната понатаму се продолжува и на темата менија за храна и коктели, но и понатаму, на начинот на кој овие локали би се промовирале. Имам разговарано со повеќе од стотина угостители од земјава, пред да отворат нешто ново и потоа откако почнале да работат. Сите тие на почетокот, со голем ентузијазам ми објаснувале како нивното место ќе биде нешто различно и невидено, а отпосле се туфкале дека- ете знаеш... народот тоа го бара... морав да ставам и пилешки прсти на менито, да воведам хип хоп во недела... Врвот на нивната инвентивност завршувала на обидот да воведат клуб картички за лојалност и миљенца по масичките, демек тоа било сега штос.. винтиџ.. Дајте ќе ве молам! Смачено ми е од тиквите и сувите пиперки наредени по ѕидовите како ултимативен ентериерен досег и вметнувањето на суво грозје во салатите од менијата како врвна гастрономска авантура на нашиве угостители. И не ми продавајте оправданија дека гостите тоа не би го прифатиле, едноставно никој не им понудил нешто различно и не можете да знаете! Најтрагичниот дел од оваа приказна е што ваквите концепти не чинат ништо повеќе од стандардните што значи дека не повлекуваат дополнителен ризик од загуба, напротив, можат да донесат повеќе профит поради својата единственост. Заклучувам дека се работи за недостаток на креативност и инспирација кои се потребни за секоја професија, но најмногу во оние каде што се работи со луѓе, меѓу кои и угостителството. Кај нас нема барови со приказна, нема маскирани келнери, коктели на куќата и ентериери кои ви ги отвараат видиците. Жал ми е драги мои пријатели угостители, обично секогаш ве охрабрувам и ве разбирам, но овој пат, сепак можам да ви кажам - седи кец! Потфрливте на најважниот момент во угостителството а тоа е креативноста и позитивната енергија.