Barcode: Bar CODE br.7 Bar CODE br.7 ================================================================================ baradmin on 11 June, 2008 04:33:00 Седмиов број заокружува една година од излегувањето на Бар Код број 1. За тој период, тој успеа да впие фасцинантна количина енергија од своите соработници, читатели, партнерски институции и асоцијации и од сите добронамерни и не толку добронамерни набљудувачи. Низ маглата на хаотичното, но со изразена и симпатична индивидуалност, македонско угостителско миље, ги создаваше и обликуваше своите рубрики, поттикна одредени размислувања и промени. Слободно можам да кажам дека редакцијата на Бар Код ја сочинуваат дваесетина постојани соработници, и уште стотина угостители, конзументи и експерти, кои во изминатиов период го обликуваа идентитетот на овој магазин. Годишнината можеби и би поминала само како благо затоплување на нашите срца бидејќи успехот беше, и е, поголем од очекуваниот, но во овој момент, Бар Код има уште една причина за уште поголема радост- ова лето го издаваме и првото издание на Бар Код на албански јазик наменето за косовскиот пазар. Понатаму, за да ја зголемиме достапноста, ќе ја редизајнираме и збогатиме и интернет страната на списанието, со што ќе ја направиме и поотворена за вашите предлози и коментари. Барам зборови, а се обидувам да ги избегнам стереотипите од типот- искрено, неизмерно... да ја изразам благодарноста до сите кои ја почувствуваа искрената намера да се подигне угостителската култура кај нас, и во сите свои активности вложија многу повеќе љубов, ентузијазам и оптимизам отколку само гол ангажман околу рубриките. Секогаш кога ќе се посомневам во исправноста на некој нов чекор во ушите ми одзвонуваат зборовите на Ана: Мачко ова мора да успее... од Америка ќе ти ги праќам текстовите како да сум тука; или на Буцо: Сестро..ајде да ги распукаме без пардон овие кафеанџииве за се што ни згрешиле, да ги научиме како тоа оди во светот...и дај некоја рубрика со провокација... соблечи некој келнер за сликање.. Даре, Табак, Елена, Бојан, Горан, Мац, Вучко, Цаци, Петар, Игор, Ивица, Дарко, Цобе, Милена, Нина, Јане, Златко, Фимка, Дени, Бучко, Денко, Нино, Стела, Чокре, Донато, Ивана, Филип, Маја, Кала, Ангела, Гипи, Иренка, Ана, Роза, Миа.......сите тие во изминатиов период кажаа по некој збор и направија по нешто, што ме тера искрено да ги сакам и да чувствувам дека сме еден невообичаен и супериорен тим. Група на истомисленици кај кои, се уште, идеалите и надежта за повисоки критериуми и вредности не е поматена од проблемите на секојдневието. Луѓе на кои на прво место им се човечките квалитети и чистата есенција на страста која води напред во животот. . .Успехот е патување а не цел.