Почетна | Списание | Професии и стил

Професии и стил

Големина на фонт: Decrease font Enlarge font
image

Многу работи се изменија од периодот кога бев мало дете и кога почнав да го спознавам светот. Да речеме околу четириесет години.

Се сеќавам на раните попладниња додека со останатите деца си ги чекавме родителите да не земат од градинка или од училиште. Прва работа што ми паѓа напамет од тие чекања е патолошкиот страв дека никој нема да дојде по мене и дека засекогаш ќе останам сам да талкам по дворовите на тогашните образовни и социјални установи. Втора работа на која што сликовито се сеќавам е дека нашите родители во тоа време изгледаа исто и униформирано, без разлика на која социјална или интелектуална класа и припаѓаат. Речиси беше невозможно да се процени дали нечиј татко е лекар, уметник, инженер, фабрички работник или правник.

Некој од уметниците знаеше понекогаш да улета со малку подолга коса или зулуф, работникот ќе се појавеше со густ и сериозен мустаќ и тука од прилика завршуваа елементите на препознавање. Останатото се состоеше во костуми во тажни бои, светло сини или бели кошули и еднакви како костумот тажни вратоврски. Речиси сите носеа ташни од вештачка кожа, брендирани со некој конгрес на СКМ, СКЈ, СРЗ, или ССРНМ. Чевли и онака имаше неколку модели кои најчесто се делеа на црни и кафени. Единствено јасно препознатливи беа офицерите на ЈНА и припадниците на униформираната милиција. Гледано од денешна гледна точка, тие момци изгледаа најфраерски од сите, иако тогаш не се мислеше така.

Општ Бизнисмен

Со преминот од социјализам кон капитализам кај нас срамежливо почнаа да се дефинираат и легитимираат поедини професии врз основа на индивидуалниот стил што почнаа да го негуваат разните професионалци. Ако се смета дека проституцијата е најстарата професија во историјата на светот, професијата општ бизнисмен е најстарата македонска професија од почетокот на транзицијата.

Се врзува со поимите шлепер, пејџер, цесија и шпедиција. Сигурно се сеќавате на костумите со прешироки пантолони на фалти, сакото со закопчување на три копчиња, широките смкнати кошули со вратоврски со огромен чвор, чевлите со ѕвончиња и пејџерот на ременот од пантолоните. Џебовите на овие ликови беа преполни со купчиња пари, врзани со ластичиња за зимница. Се препознаваа по тоа што на скапо одело носеа ужасни чевли и синтетичка кошула.

Најчесто при првото запознавање со било кого делеа визит картичкии како начин на легитимација. Најчесто немаа јасен работен простор, туку по цел ден се товеа по гостилници честејки ги клиентите во недостаток на професионален интегритет. Да не се лажеме, оваа професија и овој стил сеуште постојат, не можете од прва да ги откриете. Во меѓувреме типовите се ишлифувале и сега ги нарекуваат шефе или директоре. Нивните претпријатија никогаш не ја надминуваат бројката од тројца вработени од кој една е секретарка а другиот е или шура или баџанак.

Политичар

Втора битна професија што се изнедри меѓу првите во периодот на транзиција е професијата политичар. Плурализмот на политичката сцена и даде можност на секоја дилајла во тоа време да се занимава со политика и да влезе во една од веројатно педесетте политички партии на македонската сцена. Само сетете се на што личеше првиот, а богами и вториот парламентарен состав на кутрата ни земја. Тоа луѓе, ниту се гледаше ниту се слушаше. Арно ама повеќето од нив добија шанса да отпатуваат во странство по разни форуми, парламентарни средби, официјални посети и високи делегации.

Е тука настана хаосот. Луѓето нешто видоа, не довидоа до крај и од сето тоа настана стилот кој што јас го нарекувам СДСМ стил. Се состоеше костум со закопчување на три копчиња како кај бизнисменот, но со една битна разлика. Кај политичарот од тоа време машната беше скапа свилена и од странство и речиси секогаш комбинирана со елек без ракави од истиот материјал како костумот. Втора битна разлика беше појавата на мобилниот телефон на ременот кај политичарот, наместо примитивниот пејџер. Скоро секој од нив двојно ја зголеми телесната тежина за само еден мандат. Денешниве политичари прилично напреднаа во развитокот на својот стил, иако некој од нив сеуште личат на своите претци од почетокот на транзицијата, а некои никогаш не научија за одредени пригоди да се посоветуваат со својот протокол.

Обезбедување

Третата многу важна професија која се појави во тој период како потреба за перење на изметот што го оставаа првите две професии зад себе е обезбедувањето.
Ниту еден професионален стил не остана докрај конзистентен како овој до денешен ден. Настана како резултат на мешање на стилот на  српските и бугарските колеги, а го достигна зенитот со дистрибуцијата на српскиот филм Ране. Овде се работи за стил од главата до петиците. Кога сме веќе кај главата, таа е обично избричена или оставена на кец, телото е пренавежбано и дебело, секогаш проследено со недовежбани нозе.

Аксесоарот се состои од тетоважи, лузни, полициски наочари за сонце и златни алки и синџири. Нелогично избледените тесни фармерки и маиците со дебилни апликации им се омилена гардероба во работните денови. Во миговите на одмор и рекреација тука се ненадминливите излезни тренерки, идентични како оние што ги носат избраничките на нивните срца. Обувките што ги носат најточно би можеле да се стават во категоријата на излезни патики. Обично се проследени со огромни букви со името на брендот.


Ова беше краток осврт на трите најзначајни професии кои го одбележаа почетокот на македонската транзиција. Велам најзначајни затоа што само колу нив се вртеа големите пари, големите бизниси и големите муабети. Во тој период лекарите, инженерите, правниците и работниците чекореа по работ на егзистенцијата, така што егзистенцијализмот беше единствениот стил што ги обединуваше. Ми се допадна играта на зборови . Но сега веќе не е така и работите полека си доаѓаат на место. Од идниот број за разлика од овој, ќе се занимаваме со стилот на вистинските професии, оние на кој што гордо им припаѓаме.


РАМКА

Кога сме веќе кај главата, таа е обично избричена или оставена на кец, телото е пренавежбано и дебело, секогаш проследено со недовежбани нозе. Аксесоарот се состои од тетоважи, лузни, полициски наочари за сонце и златни алки и синџири. Нелогично избледените тесни фармерки и маиците со дебилни апликации им се омилена гардероба во работните денови. Во миговите на одмор и рекреација тука се ненадминливите излезни тренерки, идентични како оние што ги носат избраничките на нивните срца

РАМКА

Најчесто немаа јасен работен простор, туку по цел ден се товеа по гостилници честејки ги клиентите во недостаток на професионален интегритет. Да не се лажеме, оваа професија и овој стил сеуште постојат, не можете од прва да ги откриете. Во меѓувреме типовите се ишлифувале и сега ги нарекуваат шефе или директоре. Нивните претпријатија никогаш не ја надминуваат бројката од тројца вработени од кој една е секретарка а другиот е или шура или баџанак.

Додади во: Add to Facebook Facebook | Add to Twitter Twitter Digg this story Digg | Post to Myspace Myspace | Add to Yahoo MyWeb Yahoo MyWeb |

Коментари (0 Пратено):

Прати го коментарот comment

Внесето го кодот од сликата: