Barcode: Шанкерот е вашиот најдобар пријател Шанкерот е вашиот најдобар пријател ================================================================================ shaqir sulejmani on 07 July, 2014 02:44:00 И во секоја ,,кафана’’ најбитно е шанкот да е добар, што би значело да е добро позициониран, секогаш полн со пијалак, а не да го красат полуиспиени шишиња вотки и некои советски коњак за кој никој никогаш не чул; да е добро осветлен, да пружа амбиент, да го открива карактерот на ,,,,кафана’’та’’, да оддава впечаток на комодитет... Сите овие критериуми, што се однесува шанковите, се сфатени далеку полабаво во нашата земја, често на некои од нив се прават големи превиди, естетиката некогаш страдапоради личните убедувања на сопственикот и така натака, но сите овие параметри и не ми пречи да се подзаборавени или разлабавени доколку позади тој така импозантен шанк стои Шанкер, секако, во права смисла на зборот. Формата нема смисла без содржината, формата има смисла некогаш и само поради субстанцата конзистентност позади неа, но ако шанкот има лош шанкер или уште полошо има шанкер што мисли дека е, а тоа не е, тогаш целата работа е отидена по ѓаволите. Тогаш не вреди на Хард Рок Кафе, ниту Хилтон, ниту Максим, ниту Мишелин, тогаш пиши пропало. Кај нас шанкерот често се занимава и со споредни работи освен со служење пијалоци: напати собира отпадоци, напати мие чаши, напати смета промет, напати е дел од маалскиот живот. Напати е дел од маалскиот живот до таа мера што ги познава секојдневните минувачи, нивните швалерски односи, обновувањето на нивната гардероба за летната сезона, точната финанскиска состојба на секој посупешен играч во кладилницата на улица, но во нашиот крај тоа се ризиците на професијата. Во крајна линија, нашите шанкери се свесни до некаде за последиците од работното место па сигурно со чиста совест и свест решиле да го одберат тоа работно место. Но, како што кажав претходно, сево ова горенаведеново е толерантно, се разбира до разумна граница, ако дотичниот шанкер си ја врши работата професионално и одговорно. Под тоа го сметам следново: служење пијалоци во чисти чаши, без цинцарски однос кон мразот или шеќерот за кафето, ладно макијато е ладно макијато, лимон и мраз подразбира лимон и мраз, ладно пиво исто така треба да е ладно, пијалокот да не се чека повеќе од 3 минути, сечениот да биде во соодветен сооднос пресечен и да не наплаќа повеќе од што си пишува на убаво испечатената фискална сметка. Кога на сето ова ќе бидам сведок и на третман со насмевка, салфетка под чашата, убаво направена шара на пената на кафето, просто и едноставно ми се остава бакшиш. И најверојатно, пријатниот спомен остварен на тој шанк од личноста зад него, од содржината што го прави шанкот, а оттука и ,,кафана’’та како пријатно место за трошење пари, ќе се вратам повторно да оставам пари, и нели, бакшиш. Овој редослед категорочини и логични параметри се чини не проаѓа кај нас. Е сега замислете си ,,кафана’’ која ви е омилена во градот, во која може да се влезе во секој период од денот и пак да се најде некој познат, да се пие кафе и после 22 часот, да се јаде или пие или и двете квалитетно, со солидни и фино сервирани дози или порции. Замислете си и шанк по ваш вкус, и вашето омилено место на него и столче кое празно ве чека токму вас. И замислете си шанкер кој си зборува на телефон со девојка му ко да ја решава иднината на светот, или е загледан во телевизорот со фудбал, или го мрзи да живее не па да служи ладно нес со лед и не многу млеко... Има еден шанк во Охрид што одамна го сакам, и амбиентот околу и зад него. И ми се паѓа шанкер кој ми е лут што не е од Скопје, уште повеќе што студира во Штип, чија суета е толку голема и мала истовремено, што на крајот, откако си го испив пијалокот што најмногу го сакам во лето, наоѓам нокт. Изгрикцан. Бидејќи можев да ги видам кривите линии. И се велам во себе, ова или шанкерот ми е многу лут, да е гризли ќе ме смачкаше на лицу сместа, или некој така добро од далеку си го исплукал ноктот што го нервирал па тој залетал во мојата чаша. А на шанкот, во моментот јас и другар ми од лицето, и шанкерот карши нас. Претпоставувате, жичките спојување и барам да го видам главниот. Јас, чијшто солиден период од младоста ми се разлеа по тој шанк, наоѓам изгризан нокт на крајот од чашата и шанкер со поглед на Брус Ли!!! Скандалозно. Безобразно. Нефер. Нефер до крај. Помина приказната. Од друга страна, има еден четвороаголен шанк во Скопје и зад него работеше Горан. Со шанкерско искуство од крстаречки бродови. Е Горан е дете за пофалба. Секој си добиваше кафе по свој ќејф. Дозата на пијалокот може да се каже дека му беше, во најмала рака, здрава. Брз, ефикасен, крупен. Знаеше да пушти една на стални муштерии. А Горан мораше да се справува со табиетите на сите. А на тој четвороаголен шанк, кој е еден вид тркалезна маса, имаше секакви какви што може да има. Горан беше рамноправен кон сите. Така тој шанк и таа ,,кафана’’ беа окарактеризирани со солидна доза и силен глас за добра забава, градски луѓе, опуштено место, разно разни муабети, и уметници и маалски бараби, и млади професорки и стари продавачки, и големи и мали фраери, и добри шали... Најдобро беше кај Горан на смена. Сите згрижени, опслужени, задоволни, се лијат пијалоци, се прават пари, си проаѓаме сите добро. Горан умееше да го трпи и оној што прави најдосадни разговори, и оној кој е расположен од вчера, и оној кој има лош ден, и оној кој го слави раѓањето на син му, и сечиј роденден и сечија вечер. Горан беше другарче. Ќе го погледнеш и знае што сакаш, и си го гледаш посакуваното нешто пред тебе, за кратко време во наши рамки. Значи не е до шанкот. Секој може да го види најубавиот шанк во Мајами, Хонк Конг, Дубаи, да го премери, прецрта и си да си го изготви за себе. Тој што се грижи за таа доблесна структура е тој по кој што се памети шанкот. Ќе бидам фатална и ќе кажам дека од шанкерот зависи и ,,кафаната’’. Секогаш е тука во право време. Следи, набљудува, ги менува негативните исходи на нечии мизерни денови, прави да се чувствуваме подобро. Не смее, ни кажува новости, чита весници за нас, следи временска прогноза за девојките, и коефициенти на спортска за момците. Слуша приказни колку што таксист раскажува. Организиран е, дисциплиниран и лојален. Ова звучи како реклама за куче со шампионско потекло, но не се однесува на оној што се мисли за човековиот најдобар пријател. Како прво и прво, кучињата не разговараат со вас и не ги разбираат вашите тежини или смисла за хумор. Кучињата оставаат влакна а шанкерите добар впечаток. Како трето, кучињата не даваат совети и немаат толкава емпатија како човечко суштество. Во денешно време, кога потребата од добар шанк (оној кој ве опушта, ве социјлизира, ви ги зема парите без вие да почувствувате) станува поголема од потребата отколку грижата за домашен љубимец – животните не се човековиот најдобар пријател, шанкерите се тоа.