Почетна | Списание | Музика и храна – поблиски една до друга отколку што се чини на прва

Музика и храна – поблиски една до друга отколку што се чини на прва

Големина на фонт: Decrease font Enlarge font
image

Можеби за некого овие два збора навидум немаат никаква релација поставени еден до друг; можеби за тие како мене овие два поими и те како кројат симболички однос и заемно не се исклучуваат,

 Ð½Ð¾ едно е сигурно, врските и односите помеѓу храната и музиката можат да се согледаат од повеќе аспекти, и тие не се некоја нововременска измислица која ги тера тинејџерите преку агресивен маркетинг кој користи слики од различно подготвена храна да симнуваат од интернет секакви музички апликации, иако ова се случува; туку е однос преку кој креативните умови на човештвото изнаоѓале начин како да го протоклуваат светот што ги опкружува.

 

Секако, кога првпат ја дискутиравме оваа тема, веднаш ми падна на памет фактот колку тоа музика и текст е напишано на воспевањето на храната, колку многу јазични изрази и разноразни идиоми имаат значење врзано со храна, колку многу, овие две активности се постојано присутни во нашите животи, и колку се тие во суштина се нераскинливо поврзани. Во минатиот број пишувавме за психологијата и прехрамбените навики, а темата на овој број некако природно си ,,легна’’ на оваа. Секако, треба да се напомене дека готвачите слушаат музика за инспирација, а композиторите често знаат да најдат креативен поттик, токму во некое специјално јадење.

 

Инаку храната, хронолошки се воспева и цени најверојатно од почетоците за земјоделството, кога ритуалите и целокупните уметнички перформанси во времиња кои никој не ги памети, токму преку годишните времиња и нивната поврзаност со род, се глорифицирал животот, но се обезбедувал и опстанокот. Денес, во свет на брза комуникација, ќе наидете на многу сајтови кои нудат увид во овие релации: од сајтови кои продаваат музички гаџети во облик на сендвичи, банани и резанки лубеници, до целокупен список на оперски дела во кои главното дејство се наговестува или акцентира преку сцена со храна - па некој седнал и составил исцрпна листа од овие; до разно разни форуми на кои луѓето дискутираат за тоа што претставува за нив храната и музиката, до секаков вид на саеми каде модерните готвачи се мислат како состојките од некој рецепт да ги видат како бои, па како тие бои потоа им предизвикуваат музички сензации во мозокот, до бендови кои имаат имиња на посебна храна кои пак зборуваат за нивната животна философија, итн, итн, итн.

 

Така ќе прочитате дека храната и музиката некогаш се дел од истиот ритуал и обете можат да поттикнат чувство на заедништво, транс или медитација, или пак чувство на ,,опивање’’. Во дваесеттиот век, храната станува важен фактор во инструменталното свирење, пеење, играње или музичка терапија. Најпосле, храната се користела и ќе се користи како метафора од страна на музичарите и писателите кои се занимаваат со музика, токму поради ова нејзино нераскинливо својство да биде присутна во нашите животи, секој ден, во важен или неважен момент, во околности кога импресионираме некого или едноставно физички издржуваме во текот на денот.
Читајќи така што мислат некои, кои се врските меѓу храната и музиката, кога се трудев да си го дефинирам и јас самата овој интригантен однос, наидов на еден интересен тип – готвач, критичар и вљубеник во класична музика.

 

Бил замолен да држи говор на музички награди во Лос Анџелес, па со цел да ја приближи неговата професија кон вљубениците во музиката, наведува еден пример кога тој вечерал во елитен ресторан, сам, и требало да го оцени готвењето на некој познат готвач. Оборокот се состоел од 14 различни јадења, нели, од мезиња, супи и салати до некој јастог подготвен со техниките на научната фантастика! Притоа, некаде на пола, веќе имал испиено околу 2 литра вино, и црвено и бело, и го кажува следново: ,, Оброк на такво ниво е перформанс. Неговата уметност (се мисли на готвачот кој без прекин готвел едно јадење по друго, мислел кое вино најдобро ќе пасува и калкулирал која закуска најдобро би се надоврзала на претходната) беше настап и тој со мене сподели многу квалитети кои се содржат во едно оркестрирано дело’’.

 

Во следот на чиниите, вкусните вкусови и текстури, продолжува тој: ,,имаше теми и ставови, наративна линија, а искусените задоволства беа сензорни, не вербални. И кога заврши, задоволството престана. Го имав само сеќавањето на тоа искуство. Не можев повторно да го вратам во живот, како што тоа можам да го направам со книга, или филм, или слика или скулптура. Уметноста исчезна, а јас останав со едно искуство и сеќавање, и задоволство од искусениот настап на еден виртуоз’’! Верувам дека оној кој ја искусил вечерата на готвачот што го спомнува, пред да ја плати сметката и стане од масата, доживеал катарза! Верувам дека критичаров ја м’скал вечерата полека, с’ркал од супата со апетит, си го топел непцето во деликатно зготвените мевциња, па уште сето тоа го голтал со кој знае колку добро вино, и тоа траело со саати, и човекот заборавил каде е – во ресторан ли е, или сонува; па мирисите испарувале од неговата чинија кон неговиот нос и тој уште повеќе се прашувал што наредно ќе касне, и уште повеќе се воодушевувал на секој залак, и така на крај, морал да си оди дома од пренајаденост.

 

Интересен беше моментот кога дотичниов критичар посакал да оди до тоалет некаде на средината на вечерата. Поради строгиот протокол во ресторанот и ефикасната комуникација меѓу помошникот келнер, келнерот и шефот на салата,тој морал да ја извести целата оваа хиреархија за неговата намена. Кога потоа се вратил, и разговарал со менаџерот на ресторанот, оваа му кажала дека главниот готвач е навреден од неговото станување. Овој нашиов пробал да се одбрани со логична човечка физиологија, но главниот готвач не сакал да чуе! Зошто? – Затоа што тој навистина ,,им влегол’’ на рецептите кои ги подготвувал, ги обмислувал и самиот размислувал. Колку и да сакал да го импресионира критичарот, прво морал да си се докаже на себеси па на другите; експериментирал со вкусовите на тие рецепти за да ја изнајде најсовршената комбинација, да ја ,,погоди“ најсовршената хармонија меѓу нив, на моменти да изненади со нешто неочекувано но суптилно, а во други моменти, да постигне склад меѓу она што веќе било сервирано на чинијата и она што следува.

 

Уверувањето на овој критичар дека музиката и готвењето храна дури и се поклопуваат во голем дел од подготвителни фази, но и во самата изведба, сега се чини крајно природно и логично, и фраеров продолжува понатаму па вели: ,,Храната содржи и други сличности со музички перформанс. Често тоа е споделувано искуство кое се збогатува ако се дели со другите, кога другите ги внесуваат нивните впечатоци во делото и вие вашите. Предизвикува емоции. Во нечии посебни раце, може дури да предизвика и ироничен ефект. Во голема мера тоа е невербално искуство, а и задволствата се секако невербални. И кога завршува, го снемува, постои само како сеќавање’’, исто како кога некоја мелодија ви се врти постојано во главата и секогаш се присетувате на емоциите кои потекнуваат од неа, исто така и некој посебен вкус, или вкусот на бабиното готвење, никогаш не си оди од нашата меморија, туку постојано ,,се мота’’ низ свеста како некаков си репер...

 

Кога станува збор пак за рецепти, истиов овој кулинарски критичар, повторно има што да каже: ,,Рецептите не се збир од правила во прирачник. Не можете да ги користите на начин на кој се користат упатствата како да ја составите скарата во вашиот двор, или масата за пинг-понг во собата за рекреација. Рецептите се водичи и предлози и процес кој може да се нијансира во недоглед. Рецептите се партитури со музика. Една свита за виолончело од Бах може да се изведува на почетничко ниво, или да и’ се даде исклучителна интерпретација од Јо Јо Ма – истите ноти/состојки, многу различни исходи’’. Понатаму се труди да даде совети на сензитивните готвачи поттикнувајќи ги најпрво да ги промислат и замислат рецептите, да створат ментална слика од целиот процес и неговите фази и секако да го визуализираат конечниот производ. Потоа дава пример од изведбата на некоја Маргарет Батјер која е концерт мајстор на чијшто концерт овој присуствувал кога таа свирела на Страдивариус од 1726 год, најубавиот инструмент што некогаш го видел.

 

,,Оваа изведба беше одредена од нијансите, колку долго челистот и виолончелистката заедно музицираат врз една одредена нота, или колку бргу ја отпуштаат од нивното свирење, колку тешко нејзиниот и неговиот лак со гудалото притиска над жиците од инструментот’’. Според него, најважно од се’ е вежбањето преку кое уметничкото дело се изведува до техничко и уметничко совршенство. Тие ја вежбале свитата одново и одново за секој пат кога ќе ја изведуваат да придонесат со нешто ново, нешто уште поубаво. ,,Готвачот треба да го прави истото’’ – се навраќа кулинарскиот критичар – не да подготвува еден рецепт, па друг, па трет, туку истиот рецепт одново и одново за ниту еден оброк да не е идентичен. И готвачот, како и музичарот, треба совршено да ја владее композицијата и во неа одново да гледа различен предизивик.

 

Готвачот, како и музичарот постојано е свесен што се случува секогаш кога лупи аспарагус, кога ги превртува артичоките во жешкиот зејтин, и тоа го прави повторно и повторно, секој пат восхитувајќи се на нијансите во разликите на секое ново искуство’’. Знам дека никогаш повеќе нема да слушам музика ниту да јадам на истиот начин после вакво согледување на нештата! Дури станувам посвесна па си се фаќам себеси како потпевнувам нешто дур мачкам сендвич, па гледам еднакво да ги намачкам страните и кога редам салама и кашкавал гледам да го покријам целото лепче и се трудам да му се посветам на сендвичот онака како што заслужува. Далеку од тоа дека сум некаков кулинарски а уште помалку музички виртуоз, но ваквите мали нешта секако ми го прават денот поубав, и сендвичот повкусен.

 

Но има и една друга страна кога станува збор за музиката и храната, а тоа е врската меѓу јазикот, односно идиомите и разните метафори, кои преку поетскиот јазик си го нашле местото во музиката. Тука на памет ми доаѓа едно книже што го читав летово, а кое е посветено на поезијата во блуз музиката во дваесеттие и триесеттие години од минатиот век, кога овој вид музика почнува да ја зафаќа цела северна Америка па дури и се префрла на Европскиот континент. Пред да продолжиме во оваа насока, не е на одмет да споменеме во какви околности се јавува овој музички правец. Имено, афро-американската популација конечно наоѓа уметнички израз преку кој може да се популаризира нивното наследство, па овој вид музика се јавува прво како свесност за различната општествена, политичко – економска положба меѓу црните и белите. Читателите не се ни свесни за сите дискриминаторски импликации, за социјалната неправда и за непочитта кон овие граѓани, но затоа пак треба да се свесни дека црнците го возвраќаат ударот создавајќи музика која е зрела (за разлика од тинејџерски инспирираните хитови на белците), која се занимава со вистинскиот реален живот (наместо да воспева летни романси), музика која отворено зборува за мажите и жените и нивните комплицирани врски и музика која ќе послужи за основа за сите подоцнежни правци на поп стилови и во која сите можат да се пронајдат или да се поистоветуваат со некои од опеаните ситуации.

 

Во тој контекст, народните талентирани музичари, се повикале на храната и нејзината симболика, па така термин, кој го обележа црниот народ во САД е добро прочуениот ,,човек лубеница’’ (Watermelon Man), термин кој се однесува на црниот човек како се сити на обична лубеница бидејќи е ментално неспособен и расно инфериорен за да се зафати со некои посериозни прашања со кои се занимава белиот човек. Имаме и ние нешто слично на ова кога не размислуваме како го употребуваме она: ,,се радува ко Циганче на цреша’’. Понатаму, музиката изобилува со јазични кованици како ,, сукало за бисквити’’ (Biscuit Roller) се однесува на згодна млада девојка и нејзниот искусен љубовник ја има улогата на сукало, но терминот може да се сретне употребен за обата пола. Терминот ,,жештина во конзерва’’ или ,,лимена топлина’’ (Canned Heat) е коктел во кој алкохолот се дестилирал од гориво за греење кое содржи етанол, метанол и некои други состојки, од кои секоја е потенцијална опасна за вас. За разлика од белците, кои за времето на прохибицијата можеле да стигнат до канадско или ирско виски, црнците немале друга можност освен да си го измислуваат сопствениот алкохолен пијалок. ,,Му тече мед и млеко’’ или далеку слободниот превод на ’’ Honey Dripper’’ се однесува на човек кој поседува одредени харизматични или романтични способности кога е во друштво на жени.

 

Тој е особено слаткоречив и лесно му е да ги придобие женските срца, па оттука и аналогијата дека е сладок како мед. ,,Штрудла со џем’’ или Jelly Roll има широка употреба како метафора за гениталните предели на двата пола. Години подоцна, истиот термин ќе се користи како еуфемизам за хомосексуалец. ,,Исцеди ми го лимонот’’ (Squeeze My Lemon) е уште една живописна слика која претпоставувате, се однесува на еден конкретен дел од машката анатомија. Цедењето на лимонот е очигледна метафора за половиот чин. Станува јасно дека лингвистичките слики поврзани за храната се и начин како во ракавици да се каже нешто што сите го мислат а не можат гласно да го проговорат, дека доаѓа на местото кога размислуваме за нештата што вистински ни го кројат животот, како што се луѓето кои ги среќаваме, неостварената љубов или главните преокупации на љубоморен маж.

 

Уште повеќе, храната преку музиката во овој случај, ја портретира целата социјална негостропримливост кон оние кои се различни од нас, само поради бојата на кожата, зборува за генералната предрасуда, и од страна на белата и од страна на црната популација, кога одредени стереотипни поими завладуваат со секојдневниот живот а за кои, историјата покажала, дека многу тешко се искоренуваат. И во овој случај, уште еднаш, музиката и храната преку неа се користат да се искаже вистина, да се сподели истата, да се направи другите да разберат, а преку тоа да се постигне и некоја лична, морална реализација.

 

Во денешно време, гледаме дека постојат силни докази како тоа одредени музички звуци можат да придонесат различно да ја вкусуваме храната, често дури и на драматичен начин. Коа сме свесни дека лубеницата стои зад портрерирањето на луѓе како не-луѓе или како недостојни да го носат квалификативот луѓе, дали лубеница или било кое друго овошје ќе го има уште истиот вкус? Денес, како што храната и музиката продолжуваат да изнаоѓаат начини да постојат рамо до рамо и да црпат инспирација и можности за продолжување на таквата соработка, новото време ќе покаже колку едната индустрија може да влијае на другата и обратно. Едно е до душа сигурно, се’ додека човештвото, разумот и иновативноста одат напред, нема да престанеме да го славиме животот, во било која форма, преку експеримантирањето и исползувањето на креативноста во едната и другата сфера.

Додади во: Add to Facebook Facebook | Add to Twitter Twitter Digg this story Digg | Post to Myspace Myspace | Add to Yahoo MyWeb Yahoo MyWeb |

Коментари (0 Пратено):

Прати го коментарот comment

Внесето го кодот од сликата: