Почетна | Списание | Pокерски настроен хипи-готвач и светски патник

Pокерски настроен хипи-готвач и светски патник

Големина на фонт: Decrease font Enlarge font
image

Во време кога секој некој патува во странство и му текнува да сними клип за локалната храна во земјата која ја посетил, кога рецепти за егзотични јадења се појавуаат на секој чекор,

 ÐºÐ¾Ð³Ð° секој некој што успеал да ослабе 47 кила за една година и сега е експерт кој им помага на луѓето, па ги тера да јадат барен карфиол (зошто инаку останатите навистина не знаат да направат разлика меѓу јаболко и хамбургер), жива среќа што има некој што може тоа да го види од далеку, да го протолкува иронично и саркастично, и да послужи како еден вид на ,,гласот на разумот’’ барем кога станува збор за добро јадење, здраво живеење и патување.

Нешто помеѓу Џорџ Карлин и Џулија Чајлдс, Ентони Бордејн, стана репер за оние што патуваат, пишуваат за храна, и ги соопштуваат работите такви какви што се! Кој успеал да го ,,фати’’ на ТВ, знае дека Ентони патува насекаде низ светот, и оттаму пренесува автентични искуства. No Reservations го направи овој 57 годишен Њујорчанец светски познат, а тој за возврат му даде на светот неверојатни понирања во култрата на одредена земја, но сетоа тоа предадено на едно неверојатно прибрано, разумно ниво, каде уличните готвачи се ставени на исто ниво како и оние кои работат во елитни ресторани, каде домашните експерименти и квалитетот на домашно подготвената храна имаат предност над онаа милиметарски прецизно зготвената во рестораните со 5 звездички.

Кога гледате епизода на No Reservations не учите само што јадат жителите на Сао Паоло или Токио, не се запознавате единствено со убавините на главните градови, туку дознавате и кои се социјалните предизвици во одредени земји, дознавате како се крои урбаната култура и кои се тие што ја создаваат, дознавате кои се најдобрите улични локални ,,фаст-фуд’’ места, се соочувате со културата на таа земја во целосната смисла на зборот, и јасно ви е дека културата не зависи само од етаблирани програми, туку и од обични, секојдневни луѓе, кои се соочуваат со истите работи како вие и јас  - како да се направи секојдневието подобро и поубаво преку нашата работа и работите за кои сме пасионирани.

Ентони Бордејн оттука, за мене, е детска радост кога го начекувам на ТВ. Едно нешто што е очигледно во неговите емисии, е дека добрата храна никогаш не може да биде спремена за половина саат – таа изискува време и внимание, свежи состојки и одредено познавање како состојките и мирудиите ,,комуницираат’’ меѓусебно. Но исто така ме бендисува споредбата, скоро секогаш присутна во неговите емисии, помеѓу она што го нуди најдобриот ресторан во местото, предмет на негова посета, и на она што го готви, на пример некоја мајка-готвач на некој од неговите домаќини. Исто така, она што ми го задржува вниманието кога му ги гледам емисиите, е што секогаш посетува угостителски објекти што ние тука би можеле да ги наречеме ,,градски меани’’.

 ÐÐ° пример, дел од емисијата снимана во Мексико Сити зборува и за некој дотичен, локален ресторан, воден од истото семејство веќе 3 генерации, кој подготвува домашна храна (во големи казани нели, со пунички бабички кои знаат колку од што да стават во манџата) и кој го посетуваат луѓе од работната класа, кој е омилен ресторан за генерации Мексиканци, кој се’ уште ги подготува јадењата ,,по рецептот на баба’’, но кафеана во која нема да видите кристални сервиси и сребрен есцајг, ниту пак посебни чаши за вода и вино. Ресторанот повеќе личеше на онаа мензата од минатото кај Средно Музичко, но беше преполн со луѓе, дури и во 5 наутро. Чаршафите беа мушами, тањирите и чашите метални (како од градинка), но храната делуваше боженствено, возвишено и многу, многу, вкусно.

Ентони Мајкл Бордејн е роден на 25ти Јуни 1956. Во 1978 се здобива со диплома од Кулинарскиот Институт на Америка, и работел како главен готвач во многу реномирани ресторани. Едно од најпознатите места во кои работел е Brasserie Les Halles, во Њујорк со кого се’ уште ги одржува своите контакти. Во последниве десетина години, Ентони Бордејн е славен поради неговите телевизиски ангажмани. Имено, во 2005 почнува да ги води No Reservations, а подоцна и The Layover, емисија во која ги истражува најдобрите места за јадење во период од 48 часа, односно максимумот период кој можете да го поминете чекајќи авион. Тој е и автор на книгата Kitchen Confidential: Adventures in the Culinary Underbelly издадена во 2000.

Неговата кулинарска пасија и неговиот посебен сензибилитет можеби доаѓаат од фактот што неговите баба и дедо од татковата страна биле Французи. Тој од мал го зборува јазикот и има поминато многу лета во родното место на дедо му. Неговата мајка, од друга страна, работела како уредник во Њујорк Тајмс, па оттаму другарувањето со пишаниот збор. Самиот тој кажува дека растел без религиозно образование, но дека неговите претци биле Католици од едната страна, и Евреи од другата.

Во 2001 ја пишува својата втора книга, насловена A Cook’s Tour, приказ на неговите кулинарски и патувачки искуства низ светот, како дел од соработката на телевизиската серија насловена The Nasty Bits, првпат прикажана во 2006. Но тој не застанува тука, и продолжува да ги пишува Anthony Bourdain's Les Halles Cookbook, кулинарските мистерии насловени Bone in the Throat и Gone Bamboo, фикција опишана како хипотетичка историска истрага Typhoid Mary: An Urban Historical, и No Reservations: Around the World on an Empty Stomach. Неговата последна книга, продолжение на ,,Доверливо од кујната’’, беше објавена во 2010.

Бордејн не застанува само на пишувањето и готвењето. Во текот на својата кариера, бил дел од жирито на програми посветени на оценувањето авионска храна, а неговиот блог каде тој зборува отворено за она што актуелно се случува во светот на светските кујни е меѓу најпосетените.

Тој важи за ,,лошото момче’’ во универзумот на ,,патувачките готвачи’’ и е особено познат по уличниот јазик, саркастичните коментари и пцовките. Познат е и како експериментатор, во животот и во професијата. Кажува дека на своите патувања пробал овчи тестиси во Мароко, ларви од мравки во Пуебла, Мексико, сирови очи од фока како дел од традиционален инуитски лов, дека има изедено цела кобра (вклучувајќи го живото срце, крвта и месото) во Виетнам... Како и да е, според неговите сопствени зборови, најодвратното нешто што некогаш го пробал е пилешки сендвич од Мекдоналдс, иако има кажано дека неизмиениот ректум од дива свиња во Намибија и ферментираната ајкула на Исланд се едни од ,,најлошите оброци во неговито живот’’.

Но Бордејн не крие кој е, ниту што е, ниту покажува знаци на жалење или срам поради нешто што правел во минатото. Свесен дека со текот на времето, како што и славата се’ повеќе го удирала во глава, и самиот тој станува еден од многуте во машинеријата што имаат ,,нешто ново и невообичаено’’ да кажат, а во суштина пренесуваат празни пораки, тој барем се осмелува за тоа гласно да проговори, да си дозволи само-ревизија, лично преиспитување и тоа да го направи пред сите. Покрај ваквиот негов став, постојаното пушење цигари и конзумирање алкохолни пијалоци, не би требало да не’ изненади.

Овој рокерски настроен, хипи-готвач, со умешност работите да ги каже сирово но сочно и со вистинските зборови, не полага сметки никому, па ниту на неговата публика, и уште ќе се погрижи сите да разберат за тоа. Во книгата ,,Доверливо од кујната’’ зборува за времето кога работел во елитен ресторан во њујоршкиот кварт Сохо во раните осумдесетти. ’’Бевме ,,средени’’ цело време, криејќи се во големиот фрижидер секогаш кога ќе ни се пружеше шанса да ,,концептуализираме’’.

Тој пишува како кокаин, хероин и марихуана биле состојките кои им помагале да донесат било каква одлука во кујната, па уште споменува и психотропни печурки потопени во мед, користени како засладувач за чај.

Говорот на Бордејн е секогаш обележан со критика кон популарните готвачи и изрази кои пренесуваат иритација предизвикана од комерцијализмот на познатите готвачи во ресторантската индустрија и нејзиниот недостаток на аветентичност, но не му фалат зборови кога треба да ги пофали готвачите на кои им се воодушевува. Што се однесува пак до Џулија Чајлд, Бордејн има изјавено дека таа ,,влијаела на начинот на кој израснал и (неговиот) целосен вредносен систем’’.

Појави како вегетаријанизам и луѓе кои се оддаваат на веганска исхрана, за Ентони се ,,луксуз од развиениот свет’’ и го смета животниот стил на ваквите како непристоен по однос на жителите на многу земји кои ги посетил. За него, вегетаријанизмот е нешто повеќе кога се работи за случајот на Индија и нивните религиозни убедувања, но признава дека Американците јадат премногу месо и нездрава храна, и им се восхитува на оние вегетаријанци кои забораваат на тортурите на закланите животни, кога се осмелуваат да вкусат месо со цел да не ги навредат оние кои ги примаат на гости.

Борденовиот музички вкус е исто така јавно искажан. Книгата ,,Непријатни делови’’ е посветена на The Ramones – американски панк рок бенд, формиран во 1974 год. Се чини дека панкот во голема мера го одредил животот на овој познат патник-готвач, па така тој пишува и за The Stooges, Dead Boys, The New York Dolls… Во епизодата на No Reservations од 2006, снимена во Шведска, Бордејн јасно и гласно кажува дека ја презира музиката на АББА. Од друга страна, гости во таа епизода е рок бендот Queens of the Stone Age, а нивни песни го сочинуваат соундтракот на таа емисија.

Ентони Бордејн е адвокат на идејата дека традиционалната или ,,селска’’ храна има висока вредност и добар вкус, вклучувајќи ги сите делови од дотичното животно, кои не се навикнати да ги консумираат граѓаните во САД во 21от век. Тој исто така отворено зборува за фактот дека голем дел од готвачите во САД, па дури и оние кои работат во елитни ресторани, доаѓаат од Мексико или Еквадор, не се доволно евалуирани во Соединетите Држави, ниту пак се доволно платени, иако токму тие се с’ржта на ресторантската индустрија во САД.

Токму затоа ми се допаѓа Антони Бордејн, што нема да ви ја прикаже само храната, туку и рестораните, оние кои ги поседуваат, начинот на кој добавуваат состојки, од што им се состојат животите токму на оние кои вредно работат, какви се социјално-економските прилики и зошто се такви. Ми се допаѓа затоа што дава широка слика на нештата, а не само ограничена, добро нашминкана и површна слика на најпознатото традиционално јадење, на Мадеира на пример..

Епизодата што тој ја снимил во Бејрут, во моментот кога избива Либанскиот-Израелски конфликт беше номинирана за Еми во 2007, поради начинот на кој беше снимена и карактерот на информациите содржани во неа. Имено, епизодата вклучува интервју со Американско-Либанско семејство затечено во Бејрут, снимено во хотел покрај самиот брег, како и снимки од целата ситуација, кои не биле предвидени со сценариото, вклучувајќо снимки од нивни средби со поддржувачи на Хезболах, времето поминато во хотел додека чекаат вести за тоа како ќе бидат евакуриани, како и бегството на целиот тим потпомогнато, наводно од чистачка во хотел. На крајот, продукцискиот тим на Бордејн и други Американски државјани се евакуирани од страна на Американски маринци.

Гореспоменатото говори дека кај него постои одредена смисла за интегритет, приоритет и морална вредност. Се чини дека како старее, така се’ повеќе се посветува на подлабоки и суштински теми, отколку егзотични јадења. Во 2012, Бордејн изјавува дека ќе го напушти Травел Чанел, за да води емисија на Си-Ен-Ен насловена: Антони Бордејн: Непознати Делови, која премиерно започна да се прикажува во Април минатата година.

И овој пат, позади фокусот на различни кујни од различни делови за светот, Бордејн пренесува и сопствено доживување на истите тие места. Секако дека не се воздржува од досетливи коментари, понекогаш зачинети со улични изрази, но говори за она што вистински го тангира човекот во општеството од конкретната земја. Така на пример, во епизодата посветена на Детроит, градот во кој беше стационирана кичмата на американската автомобилска индустрија, а кој се’ повеќе и повеќе пропаѓа откако го погоди финансиската криза и откакко значителен дел од населението се отселил, Бордејн зборува за социјалните проблеми кои го тиштат сите во обединетите држави и ги потенцира социјално-економските неприлики и лошиот менаџмент.

Тој повторно дава една човечка, земна перспектива за тоа што се случува таму, и како локалците успеваат да ги истераат тешките времиња организирајќи заеднички ручеци на кои учествува целото маало. Во овој поглед, Ентони е единствен, и до сега неповторлив.

Мојата идеална замисла е дека еден ден ќе се заинтересира и за историјата на ќебапчињата во чаршија, и начинот на кој подготвуваме селско месо. Дека ќе сака да дознае зошто имаме ваков градски центар каков што имаме, и што правиме ние, обичните да се вклопиме во него. Така Ентони, немајќи друга работа, ќе дојде да не’ посети, а јас ќе го шетам наоколу...:)

Додади во: Add to Facebook Facebook | Add to Twitter Twitter Digg this story Digg | Post to Myspace Myspace | Add to Yahoo MyWeb Yahoo MyWeb |

Коментари (0 Пратено):

Прати го коментарот comment

Внесето го кодот од сликата: